
На врвовите Гандач и Гола Чука, на Пајак Планина, на 25 септември 1903 година, четите на македонските војводи Апостол Петков и И. Карасулијата водеа жестока борба против турската војска, нанесувајќи и загуби од 180 загинати, а тие самите дадоа само една жртва. Апостол Петков е легендарен војвода на ТМОРО, кого населението го нарекло „Ениџевардарско Сонце“. Американскиот публицист Алберт Сониксен, А. Петков го именува како „македонски Робин Худ“, а Фрдерик Ковач, го квалификува за „некрунисан крал на вардарските мочуришта“. За грчката писателка Пинелопи Делта, Апостол бил „невидливиот демон кој се чувствува на секаде, но не се гледа никаде“. Според Сониксен, портретот на Петков висел во секоја втора крчма низ Балканот. Името на Апостол Петков се среќава во весниците во Австрија, Нов Зеланд, Тасманија и САД. Во 1944, портретот на Апостол Петков се најде во рубриката „Верувал или не!“ на еден локален американски весник. Таму за него пишува: „Апостол Петков – човекот кој беше платен да се преправа дека е мртов. Познат македонски четник, кој со свои раце уби 2.400 Турци. Тој бил толку проблематичен, што турскиот султан му плаќаше 30.000 $ за да се преправа дека е мртов“.

