
На 10 октомври 1946 година, заветот конечно бил исполнет – моштите на Гоце Делчев, со високи државни почести биле положени во дворот на Македонската православна црква „Свети Спас“во Скопје.
Пренесувањето на моштите траело три дена, на 7, 8 и 9 октомври 1946 година, а тој чин бил проследен со огромна маса народ што му оддавал почит на великанот и на неговото испраќање од Софија и пристигањето во Скопје. Положувањето на коските во саркофагот во дворот на црквата „Св. Спас” било извршено на 10 октомври.
На испраќањето, Тодор Павлов, член на Бугарската Академија и регент на Бугарија, одржал говор во кој меѓу другото, истакнал:
„Гоце Делчев можеме слободно да го сметаме за основач на Македонскиот Народноослободителен Фронт кој во нашето време успеа да ја воспостави слободната и суверена Македонска Држава, која слободно и самостојно се определи да стане рамноправна република во Титова Федеративна Југославија. Гоце со целата своја револуционерна активност и мисла силно придонесе за основањето и развојот на македонската национална свест, македонска, а не бугарска или српска. Во едно од неговите писма Гоце напишал: „Како не се најде од мајка роден да напише барем една книга на македонски јазик“. Да беше Гоце сега жив, ќе му се наполнеше срцето да види дека денеска во Македонија се печатат многу книги, не само поезија, и не само историски книги напишани на литературен македонски јазик. Овој чин, пренесувањето на останките на Гоце Делчев во новата слободна престолнина на Македонската Држава ќе биде од огромно историско и симболично значење, зашто ќе помине низ Пиринска Македонија. Македонија може, треба, и ќе биде обединета во нејзините природни и историски граници. Така обединета, силна, еманципирана, суверена и во секоја смисла прогресивна, ќе стане моќна алка која ќе ги спојува балканските демократски народи. Да живее слободна, суверена, Народна Република Македонија, сонот на нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев.“
Гоце Делчев, роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, го заврши својот живот на 4 мај 1903 година во селото Баница, предаден и убиен. Три години подоцна, неговите посмртни останки биле откопани и започнало нивното патешествие – од Баница, преку Пирин и Софија, па сѐ до нивното конечно пристигнување во главниот град на македонската држава.
Пред изнесувањето од домот на војводата Михаил Чаков во 1923 година, на ковчегот бил врежан заветот:
„Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната престолнина на независна Македонија!“

