
Денес разговараме со Сашко Тодоров. Неговиот живот отсекогаш бил посветен на служба на државата. Тој ја започнал својата кариера во Армијата на Република Македонија, а потоа ја продолжил во Министерството за внатрешни работи, каде голем дел од неговата кариера поминал на граничните премини. Последните 10 години од кариерата ги поминал во Внатрешната контрола на МВР. На овие позиции, искушенијата биле секојдневие, а чесноста станала избор што многумина не го правеле. Но, Сашко го направил тој избор и никогаш не побарал ништо повеќе од тоа да ја врши својата работа чесно, да се врати дома мирен и да може да погледне секого во очи.
За што се борите и зошто одлучивте да се кандидирате за советник?
Денес сум дел од МААК затоа што верувам во истите вредности – семејството, традицијата и љубовта кон татковината. МААК е партија што не ветува многу, туку се труди да биде глас на совеста – таму каде што чесноста станала реткост. Затоа влегов во оваа трка – не поради амбиција, туку затоа што верувам дека и денес има луѓе што сакаат да направат нешто искрено за својот град
За што се борите и зошто одлучивте да се кандидирате за советник?
Не сум човек што трча по функции. Искрено, ова го прифатив затоа што ми пречи кога гледам неправда и запуштеност околу нас. Мислам дека во советот треба луѓе со искуство и интегритет — не само бројки што ќе креваат рака кога некој ќе им каже. Таму треба луѓе што ќе знаат да прашаат, да предложат и да застанат зад став. Се кандидирав затоа што сакам да придонесам со здрав разум, работа и чесен пристап, а не со празни ветувања.
Што е најголемиот проблем во Велес според вас?
Луѓето сакаат некој да ги слуша — тоа е најголемиот проблем, што никој не ги слуша. Ако ги прашате граѓаните, сите ќе ви кажат исто: премногу сообраќај, премалку ред. Велес е град на ридови, со тесни улици, без доволно паркинг и често без сообраќајна логика.
Вториот, можеби уште поголем проблем, е загаденоста на езерото Младост. Тоа место треба да биде гордоста на Велес, а не срам за градот. Наместо да се уништува, езерото треба да се среди, да се чисти редовно и да стане вистински туристички и рекреативен центар, достоен за град со историја и душа како нашиот.
Кои ќе бидат вашите први предлози ако станете советник?
Прво и најважно – транспарентност.
Ќе барам општината да има едноставна јавна веб-страница, каде секој граѓанин ќе може да види каде оди секој денар – кој проект е финансиран, колку чини и кој го извршува. Кога парите ќе бидат видливи, корупцијата ќе се намали, а довербата ќе се зголеми.
Втора работа – безбедноста.
Ќе предложам поставување мрежа од камери низ целиот град, особено околу училиштата, парковите и ризичните улици. За да се заштитат – децата, возрасните, имотот. Со тоа не само што ќе се спречат кражби и вандализам, туку ќе се создаде чувство дека градот се грижи за своите жители. Транспарентност и безбедност – тоа се две нешта што секој граѓанин ги заслужува.
Што им недостига најмногу на граѓаните – инфраструктура, услуги или доверба во институциите?
Ако прашаш десет луѓе, секој ќе каже различно – еден ќе се жали за дупка на улица, друг за сметот, трет за паркинг. Но, суштината е иста – недостига доверба. Не толку во државата, колку во тоа дека некој навистина ќе направи нешто кога ќе вети. Инфраструктурата се поправа, услугите може да се подобрат, но довербата се гради со фер однос и присутност. Кога општината ќе стане достапна – кога граѓанинот ќе знае дека некој ќе го сослуша и ќе му одговори – тогаш и најмал проблем се решава полесно.
Луѓето не бараат многу, само малку почит и чувство дека не се заборавени.
Што конкретно би направиле за младите и пензионерите во вашата општина?
Велес има паметни, вредни и креативни млади луѓе, но најголемата мака е што немаат шанса. Ќе предложам формирање младински фонд што ќе поддржува локални бизнис-иницијативи, ИТ-стартапи, занаетчиски работилници и културни проекти. Младите имаат идеи, само им треба поттик и простор. Наместо да заминуваат, треба да им дадеме можност да останат и да создаваат овде, во својот град. Така се гради иднина – со шанса, не со празни зборови.
Нашите постари сограѓани заслужуваат почит и внимание. Ќе предложам отворање општински дневен центар за постари лица, место каде ќе можат преку ден да се дружат, да добијат совет, мала здравствена проверка или помош од волонтери. Таквите простори ја враќаат топлината и човечноста во градот. Велес мора да покаже дека се грижи за своите луѓе – не ги заборава, туку ги почитува.
Покрај тоа, Велес има една голема можност-стариот пензионерски дом, објект кој веќе постои, но е запуштен. Тоа е простор на одлична локација, кој со воља и соработка може да се реновира и да стане прекрасен Дом за стари лица. Таков дом би бил корисен не само за нашите велешани, туку би можел да привлече и луѓе од другите градови, затоа што Велес има прекрасна местоположба и достапност.
Сакам Велес да биде град кој се грижи за сите генерации- и за младите што го градат и за постарите што го создадоа.
Што мислите за урбаната експанзија и градежната мафија во Велес? Како ќе се борите против тоа?
Сите знаеме дека има „избрани“ што градеа каде што си сакаа – без план, без дозвола, без одговорност. Додека еден човек чека со години за обична ограда, друг преку ноќ си кренал зграда. Тоа мора конечно да запре.
Ќе барам сите урбанистички планови и одлуки да бидат јавно достапни, секој граѓанин да може да види што, каде и од кого се гради. Само така ќе има ред и доверба. Нема да дозволиме Велес да се претвори во бетон без душа.
Градот треба да расте, но со план и совест – не по желба на поединци.
Како ќе се осигурате дека граѓаните ќе имаат збор во урбанистичките планови?
Најголемата грешка е што урбанистичките планови се носат зад затворени врати. Ќе барам секој план да оди на јавна расправа, да биде објавен онлајн, и секој граѓанин да има можност да каже свое мислење или приговор. Не може некој да ти гради пред прозорец, а ти утредента да дознаеш од багерот. Советникот не е таму само да гласа, туку да прашува во име на луѓето што го избрале. Затоа ќе се залагам за отворено одлучување, каде гласот на граѓаните се слуша пред да се донесе одлуката, не после.
Што мислите за предлозите за јавно истакнување на Сонцето од Кутлеш пред општинската зграда?
Сонцето од Кутлеш е дел од нашата историја и од нашето национално чувство – тоа никој не може да го избрише. Тоа е симбол што живее во срцето на секој Македонец, без разлика дали е на знаме, споменик или во спомените од дома. Но, јас верувам дека љубовта кон својата татковина не се мери со тоа што ќе закачиме, туку со тоа што ќе направиме за неа. Важно е да го почитуваме државното уредување и сегашните симболи, но и да не се срамиме од своите корени. Затоа – ако се постави нешто такво, нека биде како културно и историско обележје, не како политичка порака. Нека потсетува на гордоста, а не на поделбите. Затоа што вистинскиот патриот не дели, туку ги спојува луѓето околу идејата за Македонија.

