in

ИВАНДЕН – СЕ СЛАВИ РАЃАЊЕТО НА ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.
Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…
Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн.
Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на св. Јован му паднале кумството и побратимството.
За денешниот ден се поврзани многу обичаи и верувања, особено за девојките кои се немажени и кои сакаат да станат мајки.
Се верува дека немажените девојки денеска во саксија треба да засадат малку жито, а на Петровден треба да видат дали никнало засаденото. Ако има прстени, тогаш сигурно ќе се омажат есента.
Се верува дека водата добива посебна моќ, па сите се бањаат во реките, езерата или морињата. Се собираат лековити билки и се прави венец од нив, а тие штитат од разни болести.
Се верува дека оние кои сакаат да имаат дете на денешниот голем празник треба да поминат под венец од јованова трева, а потоа да се избањаат во река, за да нема уроци. Жените треба да посетат и жени по име Стана и Станка ако сакаат добра бременост и здраво бебе.
Девојките во венецот ставаат црвена роза. Се смета дека Иванден е толку голем празник што Сонцето на тој ден застанува три пати.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ЕТНОЛОШКА ИЗЛОЖБА НА ЗГ „МИРАВЧКА СВАДБА ЃУРА МАРА”

ВО МИРАВЦИ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЗАДРУГИТЕ